Изложба на авторот на стрипови Хуго Прат во Оденсе, Данска „ Hugo Pratt beyond Corto Maltese“
Во музејот Брандтс во градот Оденсе, Данска, е поставена импресивна изложба на познатиот стрип-уметник и, воопшто, легенда Хуго Прат. Хуго Прат се смета за еден од најважните автори на стрип-уметноста, ако не и најпопуларниот. Впрочем, Прат е авторот на култниот стрип-јунак Корто Малтезе, што е веројатно доволно за овој автор да се смета за легендарен. Прат е заслужен што на стрипот денес се гледа како на сериозна уметност, речиси еднакво како и на книжевноста.
Поделена во 12 павилјони, оваа изложба ги прикажува најважните поглавја од живописниот живот на Прат, неговите искуства, патувања и дела. Таа открива многу детали од неговата биографија, искуства и патувања, вметнати во приказните и авантурите на Корто Малтезе, во чијшто лик авторот ги вградил своите слободарски визии.
Кој бил Хуго Прат?
Прат имал невообичаено детство. Тој е роден во Римини во 1927 г., а детството го поминал во Венеција, во семејство чиј таткото бил фанатичен следбеник на Мусолини. За време на Втората светска војна, семејството на Прат се сели во Абисинија (денешна Етиопија), каде што татко му работел како пограничен полицаец. Кога имал 14 години, тој бил примен во колонијалната италијанска полиција како најмлад регрут во колонијалната полиција на Мусолини. Со избивањето на војната, британската војска бргу ја потиснала италијанската, што придонело тој да почне да се занимава со цртање и стрипови. Бидејќи војската забранувала да се прават фотографии, му преостанувало да прави скици. Некои негови први цртежи ги претставуваат војниците од камерунската Кралска војска кај Суецкиот Канал и тие се први индикатори за неговата животна опсесија со воените униформи.
По завршувањето на војната, во Венеција, заедно со неколкумина пријатели, почнал да го прави првиот стрип-серијал, за набргу да се пресели во Аргентина, каде што останува 15 години. Таму ги објавува своите први книги: „Junglemen“, „Ernie Pike and Captain Cormorant“, како и серијалот „Sergeant Kirk“.
Со влошувањето на ситуацијата во Аргентина, тој се враќа во Венеција во 1962 г., каде што почнал да работи врз книгата „Балада за соленото море“. Главниот јунак се викал Корто Малтезе, кој на Прат ќе му донесе светска слава и богатство. Досега се објавени 12 книги со авантурите на овој легендарен лик.
Корто Малтезе, вечниот авантурист
Корто Малтезе денес се смета за култен лик на литературата од 20 век. Во него Прат ги вметнал своите животни искуства и патувања по далечни мориња и егзотични места во времињата кога тие сѐ уште не биле егзотични туристички дестинации: Патагонија, Бахија во Бразил, Етиопија, стара Русија, Перу, па до Нова Гвинеја и Тахити. Во приказната ги внел своите интересирања за древните цивилизации, келтските легенди и балади, старогрчките митови и африкански приказни и интересирања за езотеријата. Корто е Одисеј на новата доба, џентлмен и патник. Тој не бил само анархист и слободњак, туку и заводник. Воден од сонот за слобода, тој патува по раниот 20 век во потрага по авантури. Уште од раното детство покажал пркос. Кога една гатачка му гледала на дланка, му рекла дека линијата на животот му е кратка и тогаш Малтезе со бричот на татко му си доцртал линија и си го продолжил својот живот. Според Прат, поентата била дека нешто некаде можеби и е запишано за судбината на луѓето, но ништо не е отпишано.
Жените на Корто
Приказните за Корто и неговата привлечност се сосема уверливи најмногу поради тоа што се базираат врз вистински искуства и случувања. Познато е дека Прат бил татко на шест деца од шест жени од различни континенти. Една од нив е жена од племе во амазонските џунгли, друга била свештеничка од прашумите во Бразил, а трета била Југословенка.
Со успехот следеле бројни признанија ширум светот. Прат станал човек кому светот на стрипот најмногу му должи за тоа што е прифатен како сериозна уметност. За неговото дело, кое се базира врз неверојатно широко образоване, интереси и животни искуства се напишани десетина докторати.
Литературни влијанија во делата на Прат
Реномираниот професор, есеист и автор Умберто Еко, обожавател на стриповите на Прат, рекол: „Ако сакам да се опуштам, читам есеј од Енгелс, но ако сакам да се ангажирам, тогаш го читам Корто Малтезе“.
Прат бил голем љубител на книгите. Тој зборувал седум јазици, а бил горд на својата библиотека која броела околу 35.000 книги. Негови омилени автори биле Рембо, Жил Верн, Џозеф Конрад, Киплинг, Фенимор Купер, Џек Лондон и Роберт Луис Стивенсон. Додека живеел во Аргентина, тој среќавал уметници преку кои се запознал со делата на Борхес, Октавио Паз и Ернесто Сабато. Сите овие автори оставиле свој белег врз неговите дела. Тврдел дека живее во библиотека со кревети, а не во куќа, и дека остварил еден од соништата на Борхес. За него ќе каже: „Борхес покажал една многу важна работа, односно како да се раскаже една лага како да е вистинита. Од него научив како да ја кажам вистината како да е лага.“
Изложбата во музејот Брандтс, Оденсе
На изложбата можат да се видат сите поважни поглавја од животот на Прат. Изложбените простории во музејот се поделени според географските места, според главните ликови од неговите стрипови, особено Корто Малтезе, и според споредните ликови кои се присутни во приказните. Тука ја наоѓаме Африка од времето на неговото детство и адолесценција, Африка која ќе послужи како инспирација за приказни како „Пустинските скорпии“. Потоа тука се наоѓаат слики од Аргентина од 50-тите; во нив неговиот талент толку се развил што подоцна се смета за најголемиот италијански стрип-автор. Тука се цртежи од Северна Америка и Индијанците, од Ирска со Келтите, од острови во Пацификот. Изложбата дава убави паралели за неверојатниот животен пат на Прат со неговите стрип-ликови. Таа претставува неверојатно патување кое се одвива и во вистинскиот свет и во светот на имагинацијата, оставајќи неизбежен впечаток дека тие и не се многу оддалечени еден од друг.
Видео: