Интервју со rrao за моќта на Реики исцелувањето со енергија

Постои огромен енергетски потенцијал на подиумот, така што е сосема нормално за некој што работи како музички продуцент да се интересира и за други слични методи за одржување на добросостојбата. rrao е диџеј и продуцент што живее и работи во Њујорк, која минатата година го издаде својот прв музички запис во „The Bunker“ и можеби го има оставено најлегендарниот техно впечаток во градот.

Покрај должностите на подиумот, таа исто така практикува и Реики сесии во Њујорк. Реики е јапонски метод за исцелување што користи најразлични техники да манипулира со виталната сила на телото (позната и како „ки“, енергетско поле или аура). TEB колумнистот Елизабет Клер Херинг се сретна со rrao за да открие повеќе за Реики и нејзините сесии.

Пред да дознаеме нешто повеќе за твојата практика, дали може накратко да ни кажеш нешто повеќе за Реики?
Важно е да се напомене дека тоа е јапонска техника. Зборот Реики може да се каже дека значи интелигентна универзална енергија. На сесиите, Реики практичарот се прилагодува за да може да ја прими таквата енергија – преку прочистување на своите патишта за да може да делува како канал за пренесување на истата. Во моето искуство, прочистувањето на енергијата се случува во првата и втората чакра и во дланките.

На една вообичаена Реики сесија, практичарите користат лесен допир или ги поставуваат нивните раце над телото на лицето што ја прима енергијата. Важно е да се напомене дека тука нема никаква манипулација на ткивата, иако некои луѓе понекогаш чувствуваат олабавување на мускулите или некаква друга промена. Оваа практика не е поврзана со физичкиот свет и затоа некои практичари ја практикуваат Реики техниката и од далечина. Токму таа е она што ме инспирираше да почнам со поголеми групни сесии.

На Реики сесиите се среќавам со луѓе на било кое ниво од нивното битие. За некои таквото искуство е прилично емоционално, додека пак за други тоа е повеќе физичко или ментално искуство. Сум имала најразлични искуства со луѓе на овие сесии. Повеќето клиенти што доаѓаат кај мене поминуваат низ големи животни промени или проблеми со менталното здравје како што е анксиозност и депресија. Кај мене дошле и луѓе што имале и физички болки, како на пример проблеми со грбот. Едно од моите омилени искуства беше кога кај мене дојде еден клиент со болки во половината. Истиот тој клиент посетувал и киропрактичар и друг специјалист, но не ми кажа ништо повеќе за неговиот проблем од она што им го кажал и на другите. За време на сесијата, покрај другите работи воочив дека неговите колкови не се еднакво поставени, што подоцна се докажа точно откако разговарав со него за она што мислам дека е неговиот проблем. Ваквите искуства се она што навистина ме убедува во моќта на Реики.

Луѓето велат дека може да се излечи рак или да се наместат коски со помош на Реики техниката, но јас немам такво искуство така што не би можела да го потврдам тоа. Мислам дека моќта на Реики е неограничена и дека тоа е нешто што постојано расте заедно со мене како што продолжувам да ја практикувам Реики техниката.

 

Она што сакам да те прашам е како ја објаснуваш твојата практика? Како би го објаснила она што го правиш и зошто комбинираш Реики со музика?
Мојата работа ја изразувам на повеќе начини. Најдобрите примери за тоа се кога ја пренесувам Реики енергијата додека настапувам или за време на групните сесии што ги одржувам. Почнав да ги одржувам овие сесии на одредени места во Њујорк, откако Кики (Кетрин Еберхардт) ме покани на еден од нејзините „Body Music Therapy“ настани.  Кики држи јога часови (покрај другите работи), а нејзината намера на овие настани е да ја смени динамиката на вообичаените сесии со тоа што поканува различни диџеи да настапуваат заедно, наместо да пушта неквалитетна генерична музика од новата ера. На тој начин таа ги прави сесиите многу поразлични и прави простор што е попријатен и забавен за нашата заедница.

Намерата или темата за моите групни сесии може да се разликува, но постојат одредени работи што ја задржуваат структурата. Секогаш почнувам со медитација, по што следи пуштање на миксови што сама ги имам снимено за време на Реики сесијата. Почнувам да ја развивам медитацијата и миксот повикувајќи се на Реики енергијата и чувствувајќи што би било најдобро за таа одредена група луѓе.

Секогаш вклучувам и визуелни ефекти за да можат луѓето да ја заштитат нивната енергија, без разлика што се менува во медитацијата. Заштитата на физичкиот и енергетскиот простор на луѓето не е нешто што честопати го искусувам во процесот на исцелување, без разлика дали е тоа јога, медитација или друго, и сметам дека тоа е навистина важно.

Медитациите се всушност еден вид диригирана визуелизација. Ние може да се фокусираме на различни делови од телото, да вклучуваме и бои во делови од телото или да поврзуваме различни делови од телото еден со друг за повторно да ја урамнотежиме енергијата. Понекогаш може да вклучам и природни елементи како што е месечината или сонцето за да можам да ги приземјам луѓето и да ги пренесам во друг простор во нивниот ум, каде ќе можат подобро да се поврзат со себеси и да се отворат себеси за да можат да ја примат енергијата.

Сѐ што правам сакам да е водено од Реики, мојата поврзаност со мојот дух, божествата со кои работам и моите предци. Активно пренесувам енергија од таквиот енергетски простор додека настапувам, и обично тоа остава многу голем впечаток особено кога пуштам експериментална музика на поформални концерти. Она што за мене претставува предизвик е да ја пренесам истата таа енергија на денс сетовите, но сето тоа зависи од начинот на кој гледаме на нештата.

Каде и кога ја одржа својата последна сесија?
Тоа беше во „Nowadays“ во август. Присутни беа седум луѓе – обично во групите пуштам до 12 луѓе, затоа што не би можела да работам со поголем број. Го обожавам тоа но навистина е напорно.

Ти верувам. Дали за време на групните сесии ги користиш своите раце за да работиш со клиентите?
Да, но се зависи од големината на групата. Кај помалите групни сесии, одам околу луѓето и ги ставам рацете на секој посебно. Ако групата е голема, не можам да го правам тоа, но сепак тоа ништо не менува освен моментот на интимност. Секогаш ги прашувам луѓето на крајот од сесијата, па дури и кога не ги користам рацете за време на сесиите и тие велат дека ја чувствуваат енергијата.

Спомена дека е потешко да ја пренесуваш Реики енергијата за време на денс сетовите. Што всушност значи тоа? Дали може да ги објасниш предизвиците со кои се соочуваш кога ја комбинираш енергијата со денс музиката?
Предизвик ми е да работам во атмосфера исполнета со многу алкохол и хедонизам. Секогаш мислев дека можам да работам и покрај ваквата пречка и сметам дека ќе се подобрам со тек на време. На поформалните сетови, како што се концерти или мали групни сесии можам да го отелотворам она што го правам и можам подиректно да комуницирам со моите енергетски намери.

Сѐ уште се чувствувам поврзана со заедницата на денс музиката и верувам дека денс музиката има исцелувачки карактеристики. Никогаш не би сакала да направам луѓето да се чувствуваат како да ги осудувам затоа што пијат алкохол или земаат опојни супстанции; тоа може да биде многу важен процес на самооткривање и секој доживува различни фази од нивното искуство. Едноставно јас имам свој личен став за тоа како се чувствувам на таквите сетови во споредба со тоа како се чувствував во клубовите пред пет години.

Дел од причината зошто тоа претставува предизвик за мене е затоа што си дозволувам да бидам премногу чувствителна за да можам да пристапам до таквите енергетски димензии и делови од самата себе. Повеќе не пијам ниту пак консумирам опојни супстанции, не пијам дури ни кафе! Сум станала зрела личност! Кога одам на овие места и почнувам со својот настап, се отворам себеси во тој простор за да можам да ги почувствувам луѓето. Потребна е пракса да ја воведам својата работа во овој простор затоа што навистина се чувствувам поразено во простор исполнет со стотици луѓе што пијат алкохол или консумираат опојни супстанции. Поставувам граници за нешто што не сакам повеќе да биде присутно во мојот живот, и треба да сфатам како треба да го направам тоа.  Треба да сфатам што тоа значи за мене, и сакам да можам да управувам со тоа, или ако воопшто има повеќе смисла да настапувам на поформални настани.

Како се обидуваш да ги надминеш таквите предизвици?
Повеќе работам со визуелни ефекти што вклучуваат снимки што ги имам направено за време на мојата посета на Индија. Чувствувам како тоа сите ги соединува во еден сличен енергетски простор. Се разбира, публиката заедно со музиката како да се наоѓа во еден простор и се фокусира на една работа, но јас чувствувам дека визуелните ефекти го надополнуваат искуството и создаваат пофокусиран и одреден простор наместо само место за забава. За мене полесно е да ја пренесам и да бидам исполнета со Реики енергијата во еден таков простор.

Се чини дека твојата духовна транзиција се активирала и напреднала откако беше во Индија. Како си помина таму и како тоа помогна да го започнеш твоето патување со Реики?
Отсекогаш сум практикувала медитација, но патувањето во Индија послужи како катализатор за мојот понатамошен развој.

Мојот добар пријател Сри М ја испланира оваа прошетка наречена „Прошетка на надежта” со цел да ја обедини земјата надвор од границите на религијата, кастите, верите и да го посее семето на мирот насекаде каде што бевме. Оваа прошетка низ Индија траеше година и пол и започна од најјужниот дел од земјата во градот Канјакумари, Керала а заврши на Хималаите.  Групата се движеше кон север, долж западниот брег навлегувајќи и во поголемите градови, како што е Бангалор. Јас бев на таа прошетка четири месеци и поминав вкупно 2,200 километри.

Патувањето многу ме промени, имав време да размислувам за мојата духовна страна и да ја продлабочам врската со моите претци. Додека растев, речиси секоја година одев во Индија затоа што и двата мои родители растеле таму, но токму овој пат успеав да ја доживеам преку очите на моето семејство – главно во Ченај и Бангалор. Беше неверојатно да се видат толку нови места, како и средбата со најразлични луѓе.

Речиси поголемиот дел од времето не бев поврзана со остатокот од светот. Се разбира дека со мене носев телефон, но не го користев за постојано да го споделувам своето искуство на социјалните мрежи; тоа беше искуство што го чував само за себе. Тогаш можев да се посветам на практики што не се вообичаени за секојдневниот живот. 11 дена бев под заклетва на молк и таквото искуство навистина ми помогнаа со некои работи коишто претходно не бев способна да ги направам и сѐ уште ги носам со себе. Тие го променија мојот став за тоа како да ја користам својата енергија и кои делови од моето битие комуницираат со луѓето, но не со зборови, за кое смета дека е тесно поврзано со создавањето и споделувањето на мојата музика.

Како се посвети на Реики, којашто е всушност јапонска техника? Каков удел имаше тоа?
Морам да кажам дека тоа не беше лесно да се постигне. Истражував дали постои некој друг индиски метод што можам да го научам наместо Реики, но не најдов таков. Луѓето заборуваа за нешта како „pranic healing“, но колку што знам со повеќето од овие работи се занимаваат гуруата.

Со Реики започнав да се занимавам откако не можев да се справам со степенот до кој психички се отворав, што на некој начин ме правеше постојано вознемирена. Морав да изнајдам начин да управувам со своите мисли затоа што кога излегував надвор се чувствував толку преоптоварено и изморено по средбите со луѓето како никогаш порано. За Реики дознав кога се обидував да изнајдам начин да ја заштитам својата енергија.

Следниот ден откако дознав за Реики се сретнав Корин Фајнберг во Њујорк којашто одржуваше говор за тоа. Кога појдов на средбата и се стекнав со искуство од прва рака, посакав да дознаам и самата да истражувам уште повеќе за тоа. Истражував заедно со Корин и ги поминав сите степени од обуката благодарение на неа. Сега можам да обучувам други луѓе и на тој начин да го продолжам циклусот.

Многу сум благодарна на Реики затоа што ми дозволува да споделам вистини и да помогнам на начин на кој не би можела да го направам тоа преку зборови. Прекрасно е тоа што можам да држам сесии со луѓе коишто можат да ја почувствуваат промената во нивната свест додека работам со нив. Мислам дека тоа е најисполнувачкото и најкорисното нешто што можам да го правам поголемиот дел од времето!

Како Реики ти помага додека работиш на твојот албум кој допрва треба да излезе?
Во последно време, постојано подготвувам за сетови во живо, но во план ми е да издадам албум наредната година.

Секогаш си замислував дека цело време додека го подготвувам мојот албум ќе можам да ја пренесувам Реики енергијата, застанувам, размислувам за она што треба да се случи, наместо интелектуално да одлучам дали нешто треба да се случи. Во мојата работа тргнувам од она како се чувствувам, исто како кога го создавав музичкиот запис „Anita“.

Сѐ зависи од текот на настаните, но тогаш беше многу поедноставно затоа што сѐ уште работев со Ableton. Како што тргнував во повеќе правци во поглед на она што сакав да го создадам – хардвер наспрема софтвер – потешко ми беше во исто време да ја пренесувам енергијата и да правам музика. Во моментов, сѐ уште треба да употребувам повеќе интелект во програмирањето. Едвај чекам да дојде времето кога ќе се навикнам на мојот хардвер за да можам полесно да им пристапувам на различните нешта. Се надевам дека не размислувам премногу и дека кога ќе влезам во студиото и кога ќе го тргнам моето его настрана, сѐ ќе излезе како што треба.

Кои други уметници ти служат како пример?  Дали има други луѓе за кои сметаш дека создаваат музика слична на твојата?
Тука се  „vveiss, fana’“ и дуото „Bruja Luna“ коишто се поврзани со своите претци и користат многу од таквата поврзаност кога создаваат музика. Тие имаат и изведби коишто изгледаат како еден многу моќен ритуал. vveiss и fana’ се небинарни, па тука за мене постои една уште подлабока поврзаност.

Кои подкасти ги слушаш во моментов?
Има еден подкаст „Yoga Is Dead“ што навистина ми се допаѓа. Тој е од двајца индијанско-американски јога учители во Њујорк коишто го споделуваат целото нивно искуство од таа област.  Мислам дека е важно луѓето коишто имаат голем авторитет во тие области да ја слушнат првата епизода.

Кои се твоите омилени книги?
Секогаш сакам до мене да има едно купче книги што секогаш ги „читам“, но во моментов ја читам книгата „The Healing Touch of Reiki“ од П.Б.В. Лакшми и П.В.С. Састри. Љубопитна сум за нивните искуства со Реики како практичари од Јужна Азија коишто се занимаваат со оваа јапонска техника и би сакала да научам повеќе за нејзината употреба во Индија.

И за крај, што обично слушаш во изминатиов месец?
Во последно време DJ Plead навистина ми остави голем впечаток. Го слушам веќе извесно време и конечно неодамна успеав да го видам на еден настап во Њујорк. Тој е од либанско потекло и користи многу такви звуци во неговата работа што неверојатно звучат на подиумот! Навистина ме инспирира.