Роџер Ино: Музиката за филмовите For All Mankind и Trainspotting беше како подарок

Words by Ненад Георгиевски

Композиторот Роџер Ино е познат по неговите минималистички амбиентални композиции, но е и познат и по тоа што е брат на реномираниот продуцент, музичар и визуелен уметник, Брајан Ино. Иако се браќа и работат релативно на исто поле во музиката сепак нивните животни патишта и пристап кон музиката се сосема различни со неколку заеднички допирни точки. Роџер Ино почнал со формална музичка едукација и работел како музички терапевт во локалната болница. Сепак неговото прво искуство со снимање музика е поврзано со неговиот брат Брајан и неговиот долгогодишен соработник, продуцентот Даниел Лануа кога овие тројца во 1983 ќе работат на музиката за документарниот филм „For All Mankind” која ќе биде објавена под името „Apollo: Atmospheres and Soundtracks”.

Овој албум  се смета за еден од најдобрите амбиентални изданија и кои го дефинираат овој жанр во музиката. Подоцна, една тема од овој албум ќе се најде во друг филм кој ги обележа ‘90те од минатиот век и повторно ќе ја врати оваа музика. Тоа е темата „Deep Blue Day” која беше искористена во филмот „Trainspotting”. Успехот од соработката со Лануа и Ино ќе ја започне неговата кариера како музичар, а Брајан и Лануа ќе го продуцираат неговиот деби албум „Voices”, кое е уште едно ремек дело во амбиенталната музика.  Во 2019 г. по повод 50 годишницата од стапнувањето на човекот на месечината, ова трио го реиздаваат овој класик но со бонус материјал. За „Extended” изданието тие снимија нова музика инспирирана од оваа годишница.  

Со годините, Роџер Ино има снимено над 20 солистички албуми и соработки со други музичари како Бил Нелсон, Мајкл Брук, The Orb, Дејвид Гилмор и многу други. Тоа што е карактеристично за неговата музика е минималистичкиот пристап кон пијаното. Неговите дела се повеќе како скици каде акцентот е даден повеќе на тоналитетот и емоциите отколку на совршена техника. Во март, во соработка со брат му Брајан Ино ќе го објави албумот „Мixing Colours” кој е уште едно ремек дело на овој жанр. Се работи за колекција на композиции кои се работени 15 години. Пристапот кој го имале бил едноставен. Роџер му праќал импровизации и скици на кои Брајан подоцна ги доработувал. На албумов тие се стремат кон создавање емотивни звучни пејсажи кои го привлекуваат слушателот во својот повеќедимензионален свет. Секоја композиција е полна со суптилни и богати еко системи кои постојат во свој простор и време. Дел од интервјуто е правен за време на гостувањето на Роџер Ино на фестивалот Cinedays во Скопје, а другиот по е-пошта.

 

Зад вас е кариера која трае 35 години и имате бројни изданија зад себе. Тоа што е карактеристично за вас е минималистичкиот пристап кон вашата музика. Кои се некои од идеите по кои се водите кога пишувате музика?

Секој кој ја познава мојата музика знае дека во неа има многу малку случувања.  Понекогаш се нарекувам себе си „де-композитор“ бидејќи многумина кога пишуваат музика ставаат многу ноти, информации, работи. Јас имам тенденција да го правам спротивното. На пример, работам со програмот Logic. Ќе отсвирам нешто и секогаш вадам одредени ноти со цел да ја растеретам композицијата и да ја оставам нејзината суштина. Еден од моите идоли е Ерик Сати. Неговите минималистички и одмерени дела ми покажаа дека не морам да имам феноменална академска техника за да можам да создавам убава музика. На колеџ имав одличен учител по пијано кој ми покажа како да ги емулирам неговиот тон и техника со педалата. И наместо да имам некоја страшна техника и изведба, сепак квалитетот на бојата е тоа што го карактеризира тоа што го работам.  Но навистина врз мене помалку влијаеле разни композитори а повеќе источната уметност, филозофијата, поезијата. Естетиката им е таква каде се насочени кон тоа да содржат малку елементи или се еден вид фотографија од некој момент. Од моја страна сакам да ги постигнам истите ефекти на редуцирање, намалување.

Сега сте актуелни со заедничкиот проект со вашиот брат Брајан Ино кој го нарековте „Mixing Colours”. Каков беше креативниот пристап кој го имавте за овој албум заедно со брат ви?

Дома имам студио и си имам рутина кога ќе се разбудам веднаш да одам во студиото кое се наоѓа на горниот спрат, да ја вклучам опремата и да почнам да импровизирам. Тоа го правам пред целосно да се пробудам. Тоа се скици, идеи, а потоа некои од нив ги праќав на Брајан односно оние работи за кои мислев дека ќе му бидат интересни. Ова се случуваше подолг период и не беа наменети за објавување. Со текот на времето работите се натрупуваа. Патем тој ми ги бараше и МИДИ фајловите кои му овозможуваа да ги менува работите. После некое време некој се сети дека би можеле да објавиме дел од овој материјал. Кога сум дома свирам најразлична музика и после некое време ќе дојде моментот кога ќе треба да објавам нешто. За овој навистина помислив дека е посебен. Колку повеќе го слушате толку повеќе сакате да останете во овие прекрасни светови и пејсажи кои Брајан ги создал. Навистина имам голем восхит за тоа што брат ми го прави. Навистина ја сакам неговата уметност и на музички план и визуелно. Затоа и се согласив да го објавиме бидејќи има многу содржини во албумот.

Албумот носи назив „Mixing Colours”. Дали сите овие композиции на албумот се инспирирани од одредени бои или асоцијации на некои бои?

Не баш. Мене ми се допаѓа на композициите да им давам имиња според одредени бои. Воопшто не ги сакам излитените фрази по кои се именуваат песните. Имињата ви даваат некаква ментална претстава за што се работи во нив. Кога ги именувате според некоја боја ќе добиете поинаков тип на атмосфера која е неодредена но сепак е специфична.

Како гледате на документарниот филм „For All Mankind“ и работата на музиката за овој филм? Тогаш за првпат почнавте да соработувате со брат ви Брајан.

Во тоа време, на почетокот од 80те му пратив една касета на која практично немаше ништо. Имаше некои шумови и по некоја мелодија на пијаното. Нему му се допадна тоа и рече дека ќе бидам идеален за следниот проект а тоа беше документарниот филм For All Mankind. На некаков начин работата на филмот беше како да добивме подарок.

Се работи за документарен филм за летовите од програмата Аполо. Кога ни ги дадоа снимките во нив едвај да имаше некаков говор. Единствениот звук кој беше присутен беше тој од Контролата на мисијата и астронаутите кои зборуваат со Хјустон. Тоа е филм кој трае околу час и половина и сето време воглавно има само тишина? Затоа беше совршен за да се направи филмска музика за него. Тој беше како огромно платно врз кое можевте да сликате како и да посакавте. Сите информации ви беа дадени. Тоа беа прекрасни слики. Се сеќавам имаше еден убав кадар со слетувањето кога „Орелот“  (лунарниот модул од мисијата Аполо 11) се приближуваше кон месечината и оваа сфера стануваше се поголема и поголема и едно летало се протна низ неа и бојата премина од светло сина во потемна сина, многу темно сина и потоа стана црна. Неколку минути имаше сцена како се менуваат боите. Тоа е подарок. Тоа беше начинот на кој ја завршивме работата – само ги гледавме кадрите.

Една од нумерите „Deep Blue Day” од овој саундтрак стана позната по еден друг филм, „Trainspotting“.

Вклучувањето на нумерата во тој филм ми купи куќа така што многу му  благодарам на Дени. Режисерот Дени Бојл е навистина голем познавач на музиката со убав осет за неа. Тој има широк интерес за музика и затоа кога трагаше по музика за филмот Треинспотинг, среќа за мене, како што спомнав, ја искористи нумерата „Deep Blue Day” која е преубава нумера. И повторно, среќа за мене, сцената каде ја стави таа музика е една од најзборуваните сцени во филмот каде ликот кој го глуми Јуан Мекгрегор го испушта хероинот во еден ужасна веце шоља и нурнува за да го земе. Тоа е надреална сцена каде тој плива во таа вода. Тоа е скоро како вода (се смее). И тоа е сцена на која сите се сеќаваат. Тоа на некаков начин беше уште еден подарок.

 

За 50 годишницата од слетувањето на месечината истата екипа, браќата Ино и Даниел Лануа, одлучивте да го реиздадете албумот но со нов снимен бонус материјал кој е инспириран и од филмот и од настанот. Кои беа овојпат некои од идеите зад новата музика?

Снимивме нова музика која ја објавивме како бонус за реизданието на „Apollo“. Значи покрај постоечката додадовме нова. Тоа го направивме на еден многу едноставен начин. Сите тројца имаме свои студија. Дани е во Лос Анџелес, Брајан е во Лондон, а јас сум во едно село во Англија. Таму обожувам да живеам бидејќи воопшто не го сакам Лондон. Затоа си останувам таму каде сум. И бидејќи технологијата се промени ние можеме да работиме преку емаил. Си праќавме миди фајлови меѓу себе. Дан и јас пишувавме теми, а и Брајан пишуваше теми,   а потоа му ги праќавме на Брајан кој потоа ги продуцираше што на некаков начин е слично на тоа како работевме на оригиналната музика.Една од почетните идеи беше дека не сакавме да го копираме првиот албум, но во исто време да постои некаква поврзаност. Секој од нас даде по 3 композиции, а на крајот тоа беше Брајан кој имаше последен збор за финалниот исход. За оваа музика воопшто не ни бевме во истата просторија. Во ниту еден момент не се случи тоа. Користевме нова технологија која не беше достапна во тоа време и тоа беше важно. Тоа се тие работи кои влијаеа врз музиката и начинот на кој работевме сега.

После Apollo за вас се случија многу промени. Со овој проект всушност започна вашата кареира како музичар. Вие почнавте да снимате музика и веднаш после ги објавивте класиците „Voices” и „Between Tides”.

„Voices” започна како резултат на соработката со Брајан на Apollo. Навистина ми се допадна неговиот пристап кон начинот на продуцирање. За тој албум ги напишав сите композиции и во основа тој направи нешто ретроспективно. Во основа сакам да пишувам работи кои потсеќаат на нешто т.е. да ги натера луѓето дека можеби го чуле тоа некаде претходно. Кога ќе ги чујат би помислиле дека нема шанси тоа да се случило тогаш. Преку музиката можете на луѓето да им раскажувате приказни. Во основа, Брајан направи тоа издание да звучи современо и тоа многу ми се допадна. За следното издание сакав да искористам едно друго влијание, а тоа е мојата љубов кон камерната музика, луѓето како Шуберт. Многу влијанија. Во основа, тоа се воопшто или многу малку третирани акустични инструменти. И се уште сум таму на тоа место. Го сакам чувството кога слушам како група луѓе свират заедно. Кај подоцнежните дела  го проширив тој пристап каде партитурите содржат помалку упатства. Може да им дадам 3 ноти на луѓето кои можат да ги свират кога и да посакаат односно внесов еден елемент на случајност. Но за „Between Tides”  сакав да биде скоро како класична музика.

Како еволуиравте како автор во годините кои следеа?

Влијанијата сега пристигнуваат повеќе од тоа што го читам отколку од тоа што го слушам. Читам многу поезија, читам многу историја и се повеќе сум свесен дека не правам доволно за тоа што се нарекува фрагментирано општество. Мислам дека некако би сакал, но не сум сигурен како би го направил тоа, но би сакал да бидам од попрактична корист за луѓето бидејќи сета моја работа до сега беше ограничена за еден уметнички круг. Големите филмови за кои веќе зборувавме очигледно допреа до поширока публика. Во Британија во моментов, за мојот вкус, се случува нешто многу одвратно на политички план и некако мислам дека ќе го искористам мојот занает за благодет на тоа што мислам дека е добро.

Бидејќи живееме во навистина мрачни општествено-политички времиња, како ја гледате вредноста на музиката и уметностите во овие тешки времиња?

Има два начина на кои можете да гледате на работите, каде едниот е идејата на панкот, што значи дека ќе можете да го протресете општеството. Гледајќи на тоа навистина не знам дали тоа може да функционира. Земете ја Британија како пример. Тоа е едно длабоко забарикадирано општество и тоа се однесува и на нејзината историја и нејзината структура. Колку повеќе го гледате тоа толку повеќе сфаќате колку ќе биде тешко да се промени било што. Исто така, неколку деца во 1975 г се обидоа да изразат бес преку свирење гитари но тоа немаше да промени ништо. За жал тоа нема да помогне ни сега.

Го имате и другиот начин на гледање на работите како Анри Матис кој за време на Втората светска војна сликал прекрасни слики на кои имало столчиња и жени кои седат на столчиња. Тоа го правел со идеја на луѓето да им даде некаква надеж за време на тој насилен и ужасен период. Матис почувствувал дека неговата улога како уметник била да им даде на луѓето нешто на што би можеле да се потпрат. Ќе го искористам зборот надеж. Можеби тоа е тоа што треба да го правам.  Можеби на овој начин би рекол дека работите ќе бидат подобри бидејќи работите сега се навистина ужасни.

 

Фотографии: Стефан Шашков