5 книги од електронската музика кои препорачуваме да ги прочитате
Електронската музика има долга историја која е богата со многу случувања и животни приказни за оние кои ја создавале со години. Самиот поим означува многу работи, различни правци и звуци, различни средства кои направиле одредени правци да бидат карактеристични за себе. Обично сета музика и нејзините поджанрови се преклопуваат и откритијата и успесите кај едните водат кон успеси и откритија во друга. За да се разбере овој огромен, длабок и разновиден океан од звуци важно е да се осознаат општествените и контра-културолошки контексти кои придонеле за раѓањето на секој музички правец. Факт е дека главниот импулс за секој правец го даваат оние луѓе или елементи кои се на маргините на едно општество. Како жанр во музиката кој е богат со случувања за него постојат многу книги и мемоари. Ова е нашиот избор.
1.DAVID TOOP: OCEAN OF SOUND- AETHER TALK, AMBIENT SOUND AND IMAGINARY WORLDS
Објавена за првпат 1995 г. (реиздадена во 2019), веројатно не постои друга книга која на едно место ја сублимира сета музика во 20 век, без разлика на современите жанрови и поджанрови. Автор на книгата е Дејвид Туп, реномиран британски новинар, автор и музичар на авангардна и импровизирана музика, и тој испорачува книга која спојува негови критики со субјективни гледишта, историја на музиката на 20 век и сета колизија која се случува во светот на музиката. Главна водилка во книгава е „звукот“, односно карактерот на звукот како одлика на секој жанр кој се појавил изминатиот век. Книгата е е фасцинантна и нејзината елиптична наратива идентификува различни поврзаности со музичари и музики од различни места на планетава и на едно место можат да се најдат луѓе како Јукена индијанци, Ерик Сати, Брајан Ино, Aphex Twin, Руичи Сакамото, Velvet Underground, Sun Ra, Sonic Youth.
Од друга страна, книгата ја отсликува и визионерската природа на пишувањата на Туп кој во оваа книга дава визија за свет кој е меѓусебно поврзан и во чиј глобализиран простор раздалеченоста и границите едноставно се рушат. Самиот Туп има напишано „Музиката на иднината речиси сигурно ќе ги хибридизира жанровите до тој степен што идејата за откривање на изворот ќе стане анахронизам“.
- MARK PRENDERGAST: THE AMBIENT CENTURY
Како што сугерира самиот наслов, мрежата што ја фрла оваа книга е широка. Енциклопедијава е незаменлива поради богатството на податоци со кои располага. Таа е одлично органзирана и е поделена во неколку поглавја и подгрупи и ги опфаќа сите аспекти од современата музика од раните експерименти со звуци и авангардни композитори, како Малер, Сати, Дебиси, Џон Кејџ, Штокхаусен, кои се џинови на модернизмот, сѐ до современите рок и авангардни музичари, правците кои биле изнедрени со годините,.. сѐ до поновите поглавја на електронската музика како амбиентална, jungle, drum’n’bass, techno. Иако книгава е објавена во 2000 г., сѐ уште е незаменлива поради податоците што ги нуди, а и служи како мапа на современата музика.
- PETER SHAPIRO: TURN THE BEAT AROUND
Пазарот кој изнедрил од диско музиката е огромен со безброј книги, документарни филмови и меморабилии, така што Питер Шапиро не е првиот автор кој ја обработува оваа тема. Сепак книгата е одлично напишана, одлично истражена и дава убав увид во општествените и економските услови кои влијаеле да се појави диското, придонеле да се одржи и на крајот придонеле тоа да исчезне. Оваа музика се појавила во меинстримот во истиот период кога се појавиле панк и хип-хоп музиката, односно во период на длабоки економски и општествени проблеми и промени. Од една страна диското настанало со спој на геј културата од раните ’70-тите и првата генерација на Афро-американци по движењето за човекови права кое било моќно на крајот од ’60-тите. Сето тоа е мапирано во оваа книга, вклучувајќи ја и појавата на диско движења во Европа (особено Northern Soul движењето и дискотеките во Британија), историјата на диџеингот, врвот на популарноста на оваа музика, како и нејзиното влијание врз денешниот музички пејзаж.
- BILL BREWSTER AND FRANK BROUGHTON: LAST NIGHT A DJ SAVED MY LIFE (THE HISTORY OF THE DISK JOKEY)
Авторите на оваа книга се некогашни уредници на списанието Mixmag USA и за потребите на оваа книга тие интервјуирале повеќе од 100 диџеи, танчари и луѓе кои се активни на сцените. Идејата на авторите е да направат хронологија на диџејството од својот постанок, па до ден денес. Направена е цела една историја на диџејството од првите денови на радиото (каде диџејот е исклучиво американски пронајдок) и со годините се покрива активноста на диџеите со посебен акцент врз улогата на диџејот кај црнечките музики, почнувајќи од денсхоловите на Јамајка, па сѐ до диско и хаус музиката.
- SIMON RAYNOLDS: ENERGY FLASH – A JOURNEY THROUGH RAVE MUSIC AND DANCE CULTURE
Energy Flash нуди детална историја на електронската денс музика и нејзината култура. Раната рејв култура се смета за еден од најголемите моменти во британската музичка култура. Книгата почнува од самите почетоци и го бележи патот на оваа музика од андерграунд движење во феномен кој се шири низ цела Британија, притоа испитувајќи ги многуте поджанрови и интересни карактери кои се дел од историјата на ова движење. Притоа авторот кога ја раскажува историјата на музиката и сцената оди вон стандардните теркови и во приказната вметнува општествени коментари и детали, потоа вметнува делови од интервјуа со луѓе кои биле дел од таа сцена, меѓу кои се и A Guy Called Gerald, Paul Oakenfold, Aphex Twin и The Stone Roses.