Jus Ed – Чувар на андерграундот
Edward McKeithen, или попознат на нашава публика како Jus Ed, е посебно важна фигура на светската хаус и електронска музичка сцена. Ретки се оние кои можат да се пофалат со диџејска кариера која трае 40-тина години. Човек кој посветено стои позади длабоко почитуваната издавачка куќа Underground Quality. Држел своевремено резиденции во Output и Panorama Bar, а во моментов е резидент диџеј на Tresor и Hafen 2 Club. Мистична и вистинска андерграунд личност која никого не го оставила рамнодушен. Разговараме со него пред настапот на Telekom Electronic Beats Picnic во Скопје на 21-ви овој месец.
Не можам да замислам некој порелевантен денес на светскава сцена, со одредени мали исклучоци, кому би му го поставил ова прашање. Што е за тебе да бидеш диџеј?
Диџеј е диск џокеј или винил селектор. Mоже да настапува на радио, во клуб, па сè до приватна забава. Оваа личност има одговорност да свири плочи на начин кој ќе биде интересен и уживачки, но истовремено и едукативен за публиката.
Како денес Jus Ed гледа на електронската музичка сцена и што мисли дека е подобро или полошо од претходниве декади во кои таа се родила, развила и еволуирала?
Добрата страна: Во 60-тите диџејoт не можевте да го видите, единствено да го чуете. Во 70-тите диџејот добива поголема важност од политички и маркетиншки аспект, кога во игра влегуваат поголеми пари. Во 80-тите како главен „виновник“ за популарноста на оваа професија ги гледам телевизијата и филмовите. Во касните 80-ти и низ 90-тите години популарноста на диџејот доаѓа благодарение на едитите и музичката продукција. Во 2000-тите диџејот добива статус на Бог.
Лошата страна: Уметноста на тоа да се биде винил селектор е изгубена, изгубено е фм радиото, бендовите во живо, фабриките за плочи, ноќните клубови итн. Желбата или вољата да се биде најдобар во свирење музика е истрошена со медиумската популарност. Лajk е новата валута, посилна од парите, посилна од репутацијата и посилна од нивото на твоите вештини како диџеј. Посилна дури и од твојата врска со фамилијата и пријателите.
Знам дека често споделуваш дека Underground Quality е еден вид фамилија за тебе. Издавачка куќа којa има сериозно богата дискографија од 70-тина винили и на којa издавале имиња како: Omar S, Levon Vincent, Jenifa Mayanja, DJ QU, NIna Kraviz, Fred P и многу други денес битни автори. Која е основата врз која е изграден Underground Quality и која е мисијата на издавачката куќа?
Underground Quality е анти-индустрија. UQ e издавачка куќа која ги поставува правилата за водење на независни издавачки куќи уште од 2004. Сакав да издавам музика од талентирани автори кои беа исфрлени од индустријата. UQ е исчекор за авторите во права насока. Спомена некои имиња погоре, да, ние сите сме поврзани. Но, Omar S е причината поради која UQ доби дистрибуција. Omar S е исто првиот и единствениот кој му даде шанса на Jus Ed. Тој ја лиценцираше AM MIX од мојот прв албум, а останатото е историја. Затоа UQ и Jus Ed се засекогаш благодарни. UQ е секогаш за едуцирање и помош до одредена точка. Ние не управуваме или не земаме процент од вашата животна инвестиција. Нашата мисија беше и секогаш ќе биде да ја реобновуваме сцената. Да го одржуваме андерграундот – андерграунд.
Како се справуваш или поточно, која е твојата формула за одржување на баланс помеѓу сите обврски околу диџејската кариера, водењето издавачка куќа и приватниот живот?
Ден за ден.
Што е агендата на Jus Ed како артист во поблиска иднина?
Да бидам подобар во својот музички израз преку мојата продукција и да ја усовршам вештината да се биде диџеј.
Доста си активен на инстаграм. Некогаш мистичната личност на Jus Ed, барем за нас од овој дел од светот, денес ја восприемаме како топла и енергична личност со богата смисла за хумор. Ме интересира твоето мислење околу социјалните медиуми и посебно нивната улога денес на промо инструмент?
Себепромоција и она што сум јас е тоа што го продавав и сè уште го продавам. Мојот уметнички идентитет се совпаѓа секогаш со она што сум. Јас сум Jus Ed без Т и сум борец. Мајка ми ми кажа дека ако сакам да имам нешто морам сам да си го заработам. И така направив. И така правам. Правев флаери, пишував e-мејлови, па потоа стигнав и до медиумската машинерија. Сè со една цел, да допрам до луѓето што се заинтересирани за тоа во што јас верувам и да спечалам за живот.
Telekom Electronic Beats Picnic е настан во чиј центар е твојот настап. Претпоставувам дека ти е и прв пат да доаѓаш во Скопје. Што очекуваш од оваа авантура?
Да, прв пат доаѓам и возбуден сум. Тоа што го очекувам e опремата да биде на високо ниво, да се исполнети моите технички потреби и да одам на рибарење. Се надевам и на нови пријателства. Тоа е…
Ви благодарам на оваа можност. Се гледаме наскоро!
ED JUS-ED THAT IS…