Desonanz настан со OАКЕ, Parhelic Shell и мултимедијалниот танц перформанс KINTSUGI
На 11ти Декември во МКЦ од 20 часот Desonanz Festival имаат свој настан на кој со свои настапи во живо ќе се претстават OАКЕ од Германија и Parhelic Shell од Франција.
ОАКЕ е германски експериментален техно проект што се осмелува да продре во соничните предели на стравот и неизвесноста. ОАКЕ е уникатен проект што создава незаборавлив стил кој бара слушатели кои се ослободени од предвидливото морализирање и површното вреднување, слушатели кои бараат и создаваат романси во сивиот свет на бруталистичката архитектура и сеприсутната автоматизација.
Сега веќе како соло проект на Ерик Оаке, OAKE објавува за профилираните издавачки куќи како што се Downwards, Stroboscopic Artefacts, SNTS, 47, а бил дел од ремикси за издавачи како Horo, Noiztank и Cluster Node. Резултатот на сето тоа е звукот кој ја освојува свеста на слушателот со строгиот баланс меѓу етеричните и заводливи вокали и ритамот што грми, проектирајќи ги во еден свет каде силите на техно науката и магијата се наоѓаат во постојана взаемна комуникација. Живите настапи на ОАКЕ ги освоија клубовите и фестивалите низ светот.
Parhelic Shell e француско електронско дуо, проект кој носи уникатна медитативна и хипнотична визија на современ техно звук кој подиумот го претвора во имагинативна фантазма на аналогна психоделија.
Воедно публиката ќе има можност истата вечер да ја проследи и премиерата на еден храбар и уникатен перформанс. Мултимедијалниот балет концепиран од македонската прима-балерина Ивана Коцевска – “КИНТСУГИ” – претстава за траумите, повредите, навредите кои оставаат лузни од кои не треба да бегаме. Напротив, ги прифаќаме и ги носиме со гордост бидејќи тие се она нешто кое придонесува при нашето оформување, дел од искуствата кои не градат.
Танчери: Ивана Коцевска, Валентино Апостоловски
Музика: Димитар Николов
Костимографија: Милена Атанасовa
Видео мапинг: Петар Џон
Фотографија: Сашо Алушевски