Богот на техното, Џеф Милс, се сретна со уметничката ѕвезда, Олафур Елијасон

Џеф Милс (Jeff Mills), роден во Детроит, е еден од најголемите концептуалисти на електронската музика. Неговиот приод кон техното како уметничка форма која претставува нешто повеќе од обична подиумска еуфорија, како и неговите музички проучувања на научната фантастика и утописките теми се поклопуваат со работата на данско-исландскиот уметник, Олафур Елијасон (Ólafur Elíasson), чиишто масивни инсталации ја истражуваат манипулацијата со просторот, светлината и реалноста. Можеби е и очекувано што Елијасон долго време се инспирирал од делата на Милс и обратно, и токму затоа, кога двајцата за првпат се запознаа, разговорите за уметничкото образование и меѓусебните соработки кај двајцата вроди со бројни идеи.

Олафур Елијасон: Се сеќавам кога првпат ти ја слушнав музиката. Мора да било тоа 1997/98 година, само што се имав преселено во Берлин. Отсекогаш сум бил многу заинтересиран за структурата на звукот, но тогаш не знаев како да го пренесам тоа. Всушност, сѐ уште не знам. Но, понекогаш ќе слушнеш некого кој се чини дека се изразува себеси во твое име. Понекогаш ќе отидеш на концерт или во клуб и ќе слушнеш нешто што речиси го вербализира сѐ она што си сакал да кажеш, но сѐ уште не си утврдил каков јазик треба да употребиш. Сум имал такво искуство со музиката. И ако се случи такво нешто, интересната работа е што тоа го поврзуваш со звукот и, на некој начин, стануваш продуцент на музиката. Се поистоветуваш со него до таа мера, што станува дел од тебе. Уште немам најдено соодветно име за таквата појава, но мислам дека тебе, Џеф, во текот на годините, ти има успеано да создадеш звуци коишто зборуваат во име на другите. За мене, лично, сето тоа беше тесно поврзано со тоа што заминав во Данска, дојдов во Берлин и почнав и самиот да творам.

Џеф Милс: Камо да те запознаев тогаш! Претпоставувам дека можеш да се поврзеш со фактот дека кога нешто создавам, на некој начин сум среќен доколку успеам да го задржам таквиот однос кон делото. Во повеќето случаи, станувам обичен посматрач на своето дело. Тогаш на сцена стапува мислењето на јавноста и му го одзема делото на создавачот, без разлика дали тој се согласува со тоа или не. Понекогаш не се согласувам со туѓите толкувања за некои од делата што ги имам создадено. Се случува. Секогаш постои таков ризик. Па така, прибегнав кон создавање музика за себе, која никому не дозволувам да ја слушне, а ја слушам само за да се инспирирам себеси во обидот да осознаам нешто друго.

OE: О, па тоа е огромен луксуз.

ЏМ: Правиш ли некогаш такви работи?

OE: Трагам по места коишто ќе ме инспирираат. Всушност, наоѓањето инспирација е напорна работа. Навистина ги почитувам луѓето коишто се чини како да се инспирираат од нигде-никаде. Секогаш морам да се отепам од слушање или читање или, пак, да работам на нешто за да го постигнам тоа. Кога ќе подзастанам, колку да направам пауза, буквално престанувам да се инспирирам. Се прашувам што ќе се случи доколку навистина одморам од работата. 30 години не сум направил такво нешто. Но, во суштина, не сум сигурен дека творам за себе. Но, сакам да експериментирам, а честопати од експериментите не излегува ништо. Има и моменти кога експериментот некако ќе си фати по свој пат, зашто си има свои намери. Па така, наместо вие да го туркате, експериментот ве влече вас. Ваквата пресвртница, на некој начин, претставува показател дека она што работите може да има уметничка вредност. Но, ова не се случува често. Продолжуваш да се трудиш и сѐ повеќе се фрустрираш за, на крајот, ништо да не излезе. Но, сепак, десет проекти од кои ништо нема да излезе ве водат во некој друг стадиум.

Но, љубопитен сум за последиците од работата со звук. Кога ќе размислиш, звуците во околината или архитектониката на звуците претставуваат просторен феномен. Тоа не е нешто линеарно што излегува од звучникот и ви влегува во ушите. Целата околина како да вибрира и пулсира, па сето тоа е, да речеме, три- четири-петдимензионално. Какво е чувството и што точно ти се случува кога се наоѓаш во тој простор?

ЏM: Навистина верувам дека секој човек, без разлика со колку луѓе е поврзан или колку пријатели има, поголемиот дел од животот го минува сам. Се доживуваат нешта што тешко можат да се објаснат со зборови или при разговор. Секогаш размислувам за тоа додека компонирам музика. Никогаш не компонирам за луѓе, туку за конкретен слушател. Има цел еден куп психолошки аспекти коишто тука се провлекуваат.

Првото нешто е дека, на пример, повеќето од нас, ако имаме среќа, завршуваме факултет, со што и конечно доаѓа крајот на структурната и формалната настава. Просечната личност и нема многу можности да осознава нови работи, зашто си има свој живот, семејство, одговорности итн. Па отсекогаш сум мислел дека, ако во уметноста вметнеме повеќе работи што се релевантни, работи што можат да се научат, ако преку музиката му дошепнеме некому нешто и го поттурнеме во одредена насока, токму тогаш се појавува тоа чувство за структурно учење. Секогаш го имам тоа на ум додека седам сам во студиото и размислувам за начинот на кој сакам да научам нови работи. Во идеални услови, тоа би било преку нешто во што уживам, како електронска музика, научната фантастика или, пак, класична музика. Па се прашувам, зошто истовремено да не научам и нешто за планетите?

OE: Тоа ти е многу добра поента. Се однесува на тоа каков вид активна улога креативноста и уметничките агенди (ако не музиката) можат да му донесат на нашето општество во иднина. Бидејќи, навистина мислам дека постои тенденција креативноста да се сфаќа како нешто што се консумира. Посета на музеј или концерт – тоа се прави во слободно време како некој вид рекреативен ескапизам. Не сум љубител на образованието во форма на зборови, затоа што тоа е малку потценувачки во овој контекст. Но помислата да се има верба дека луѓето се способни да еволуираат е, според мене, една од најсилните страни на културната продукција. Затоа што кога ќе отидеш на концерт, луѓето таму не се потценуваат; не истапуваш пред сите за да објасниш што претставува овој, а што оној звук. Всушност, вие само ја пуштате музиката во етерот и ги оставате луѓето да стапат во експериментален однос со неа, а тоа е нешто што, во голема мера, се заснова на доверба. Нема многу места во кои луѓето емитираат доверба со таква прецизност.

Ако го погледнеме општеството во целост, еден од најголемите предизвици е недостатокот на чувство на самостојност: да им се верува на политичарите, на финансискиот сектор, на научниците коишто се трудат целосно да ги сфатат климатските промени и бараат начин како да се справат со нив. Па така, довербата е голем проблем. А културната продукција, доколку не е маргинализирана во некаква „економија на искуства“, е, по природа, достојна да ѝ се верува. Таа е најмоќниот парламент на нашето време; таа претставува креативност. Наполно се согласувам со тебе дека не треба да постојат граници до каде може да одат овие работи.

ЏM: Бев да ја видам инсталацијата The Weather Project  кога првпат беше поставена во Tate Modern [Галерија во Лондон чиј директор е соработникот на EB, Крис Деркон (Chris Dercon)]. Тогаш за првпат се запознав со твоите дела. Најинтересен беше начинот на кој луѓето реагираа кога првпат ја видоа инсталацијата. Буквално како да го видеа Исус пред себе. Почнаа да одат многу бавно, па дури и движењата почнаа да им се забавуваат. Некои легнаа на подот, некои стивнаа и почнаа да си шепотат меѓусебно. Никогаш немав видено такво нешто. Никогаш немав видено инсталација со толку голема моќ.

The Weather Project, Олафур Елијасон, Тate Modern

OE: И мене ме запрепасти доживувањето на луѓето. Честопати размислувам за тоа. Како што веќе кажа, многу луѓе направиле различни работи, а сепак, никој не успеал да ги согледа различноста и активноста во просторот како конфликт или вознемирување на доживувањето на делото. Љубопитен сум за тоа кои средини, всушност, гледаат на различноста како успех. Во Европа, во моментов, има бројни примери на ексклузија врз основа на различноста: различно културно потекло, различна религија, различна боја на кожа, сѐ и сешто. И во таа смисла, љубопитен сум за тоа кои простори успеваат да препознаат дека луѓето различно ги согледуваат работите; различни се, доаѓаат од различни места, што, всушност, претставува придонес за квалитетот на просторот.

Ако си речеш: „Еј, звуков. Баш и не ми лежи на уво“; а потоа некој друг одговори: „Не знам, мене, некако, ми се допаѓа. Како да ме допре“; вие пак можете да си бидете другари. И ова не го сфаќаме како нешто значајно, нели? Но, вистината е дека тоа, всушност, е навистина битна работа. Да земеме, на пример, една позиција во политиката: сите ќе кажат по нешто и потоа ги користат разликите во нивните гледишта како изговор политички да дејствуваат. Мошне сум заинтересиран за тоа како звукот знае толку многу да нè допре. Tоа е толку бесмислено. И зошто не ги користиме звукот и музиката за да предаваме математика во училиштата? Имаат неверојатен потенцијал, а сепак, се, во голема мера, заглавени во една крајно пасивна или пак, да не се лажеме, глупава индустрија. Или, пак, претставуваат уметничка форма која, како и уметноста со која јас се занимавам, е по малку елитистичка и ограничена за одредена група луѓе. Токму затоа и толку многу можам да се поврзам со твоите размислувања за наставата. И не мислам само за воведување музика во училиштата. Можеби треба да се воведе и училиштето во музиката.

ЏM: Мислам дека ќе настапи голема промена во начинот на кој учиме. Додека бев средношколец, ниту еднаш не ја довршивме книгата, односно, без разлика на предметот, никогаш не стигнувавме до крајот на учебникот. И тоа беше вообичаена практика во јавните училишта во Детроит. Што ни кажува тоа? Мислам дека старите начини на предавање нема да бидат доволни. Мислам дека веројатно најдобриот начин да ги подучуваш луѓето е да ја стимулираш реалноста, така што, не само што ќе ја отворат книгата и ќе ја прочитаат, туку и ќе имаат можност да се почувствуваат дека ја доживуваат од прва рака. Затоа мислам дека можеби влегуваме во ера во која виртуелната реалност и симулирањето на реалноста се подобри алатки за подучување. Бидејќи, не само што имаш чувство како да си таму, туку можеш да го доживееш она што го учиш и од поинакви перспективи. Може да ви се предава за Граѓанската војна во Америка од перспективата на Конфедерацијата или, пак, од другата страна. Можете да се најдете во небрано. Така што, мислам дека сме на раб да започнеме да користиме работи како уметност и звук во наставата. Технологијата тука ќе биде од најголема полза – мислам дека ќе го замени образованието. И мислам дека кога тоа ќе се случи, на уметноста и на уметничките форми ќе гледаме на многу поинаков начин. Не само што ќе можете да го слушате Мајлс Дејвис (Miles Davis), туку ќе можете да го разберете контекстот во кој го направил албумот Bitches Brew, или неговиот прв настап во Carnegie Hall. Мислам дека на крајот ќе станеме, на некаков утописки начин, надлуѓе, суперинтелигентни, не поради книгите што ги читаме, туку поради видот на искуства коишто ќе можеме да ги доживееме во нашиот краток животен век. Па така, ќе можам да бидам пожарникар во вторник, претседател на Гана во четврток, а во сабота ќе можам да се вратам за да си ја изгледам сапунската серија. Можеби ќе дојде тоа време. И тогаш кога ќе помислите дека ќе биде можно да се доживуваат искуства надвор одовде, на други планети, можноста да се посети Марс и чувството да се оди по неговата јзината површина – тоа ќе биде огромен чекор напред. И мислам дека уметноста, музиката и сите тие работи ќе извршат неверојатно влијание врз наставните алатки.

Your Rainbow Panorama, Олафур Елијасон, ARoS Aarhus Kunstmuseum

OE: Вчера беше кај мене во студио, па можеби забележа дека правиме дигитални просторни експерименти со Oculus Rift очилата за виртуелна реалност. Испечативме 3D камера којашто има хексагонални можности за просторно снимање и во себе содржи шест GoPro камери. Она за што сум заинтересиран е врската помеѓу виртуелната и мускулната меморија, зашто навистина верувам дека луѓето целосно го потценуваат искуството коешто човек може да го доживее на тој начин. Се разбира, не е исто како да си на Марс. Од друга страна, овозможува да се собере знаење на просторен и телесен начин, коешто е многу посложено од чистата теоретска и алгебарска настава. И токму на тој начин веќе со години функционираат културата, звукот, музиката, уметноста и театарот. Искуството отсекогаш било физичко. И мислам дека може да се забележи дека образованието, обуката и подобрувањето на вештините ја користат културата како водилка. Трагаме по начини како со поголема софистицираност да го зачуваме знаењето во нашите тела и мозоци.

ЏM: Но, во меѓувреме, ти и предаваш, нели?

OE: Предавав. Кога предавав во поранешното училиште, Институтот за просторни експерименти (The Institute for Spatial Experiments), одлучив да им објаснам нешто многу конкретно на учениците, односно на „учесниците“, како што ги нарекував. Ќе ми пријдеа и ќе речеа: „Видете, имам одлична идеја“. Потоа ќе ми ја објаснеа идејата и ќе речеа: „Не е ли ова одлично уметничко дело?“ На што ќе им одговорев: „Не, тоа е идеја за одлично уметничко дело и наскоро ќе тргнете на едно прекрасно патување на кое ќе се обидете да ја обвистините таа идеја. И тоа е една од највредните работи што човек може да ги направи“.

Патувањето, всушност, најпрво претставува скица, потоа модел, па уште една скица, па многу модели, потоа се навраќаш за да читнеш нешто за тоа, бараш насоки или помош од некој научник, замолуваш луѓе да ти помогнат, го тестираш во поширок контекст и така натаму. И постепено, идејата се здобива со физички простор. Многу ме фасцинира ваквиот процес, кога идејата ќе ги напушти јазичната или интуитивната состојба и стекнува физичко присуство. Тоа е она што го нарекувам „продукција на реалноста“. На крајот, можеби ќе биде претставена и на некоја изложба, но тоа е само уште еден креативен чекор. И мислам дека е важно да се сфати дека креативноста тука не се состои во создавањето скица, којашто потоа се претвора во модел. Мислам дека креативниот дел се состои во разбирањето на последиците коишто создавањето уметничко дело ги има врз околината, останатите ученици и светот и во согледувањето како светот воопшто те инспирирал да го направиш тој чекор.

Така што, тоа значи дека она што ги прави нештата креативни или им дава потенцијал, всушност, не е она што го работам во студиото. Напротив, токму во последиците кои произлегуваат од поседувањето студио се раѓа кретивноста и се поттикнува инспирацијата. Мислам дека ова е многу важно да се разбере во однос на наставата, бидејќи се чини дека постои некое убедување дека може да се држи настава во затворена средина, во училиште, додека критериумите за потенцијален успех на училиштето треба да се вкоренети во контрадикторноста што тоа ја има во однос на времето во кое живееме. И дефинитивно мислам, на некој чуден начин, дека токму затоа, во одреден момент, Детроит сфати дека е сам. И во тој момент луѓето почнаа да се спротивставуваат на таквата идеја. И од таквото спротивставување, се појавија луѓе како тебе.

ЏM: Мислам дека не можеме да се ослободиме од проблемите со кои сме израснале. И мислам дека кога ќе отидеме на Марс, со нас ќе си ги понесеме и проблемите од Земјата. Ако земете еден маж и една жена, една млада и една стара личноста, тие некако ќе успеат да ги пренесат своите разлики и да го создадат истиот свет во кој живееме сега.

OE: Причината поради која сум оптимист е дека понекогаш, дури и без да знаеме, го земаме здраво за готово убедувањето дека реалноста е нерелативна. Реалноста, всушност, е релативна. Живееме со работи за кои погрешно мислиме дека се предодредени, од Бога дадени, од природата создадени, па си велиме дека тоа е нешто непроменливо. Но, ако заземеме поинакво стојалиште и сметаме дека сѐ, вклучувајќи ја и реалноста, е само модел – особено социјалните и културните конвенции – тогаш начинот на кој ги поимаме работите е културолошки. Ние не ја гледаме реалноста, туку нештата ги гледаме на начин на кој сме научиле да ги гледаме. Токму затоа секогаш тврдам дека реалноста е релативна, многу порелативна одошто обично си мислиме.

Области кои се погодни за да си ја вежбате врската со реалноста се, на пример, културата, уметноста или звукот. Затоа што навистина сметам дека тоа се многу корисни вежби со кои може да се спротивставите на есенцијализмот којшто произлегува од изјавите: „Ова е од Бога одлучено; природата е предодредена; вака изгледаат градовите; вака треба да изгледа архитектурата“. Работите се такви какви што се, поради општествените системи со кои нашето општество избрало да се организира. Ваквата критика навистина ослободува. И навистина сметам дека човек може, во суштина, да се прилагоди на огромни промени, затоа што сфаќаме дека, ете, реалноста и онака не е реална. Па зошто тогаш да не ја промениме? Главно, затоа сум и мошне оптимистичен во однос на верувањето во способноста на луѓето да се менуваат и прилагодуваат на нови средини.

Добар пример е начинот на кој ја слушам твојата музика. Речиси како да има некаква огромна површина или бескрајно голем простор исполнет со она што сите ние го знаеме. Ова се работите што ги учиме и ова е светот што го разбираме. И потоа има праг, а по него, од другата страна на границата или прагот, се наоѓа сѐ она што не знаеме. И тоа е мојата многу проста верзија на светот: знајното наспроти незнајното. И нашиот живот, во голема мера, со состои од проширување на незнајното во знајното. Колку си постар, толку повеќе знаеш. Или барем така се надеваме. Но, чекорењето кон таа линија ме потсетува на она што мислам за твојата музика, којашто ги соединува тие две работи. Нели? Тоа е тој звук на линијата помеѓу сѐ што знаеме и сѐ она што уште не знаеме. Но, кога ја слушаме, на некој начин, се прошируваме. Зашто тогаш сме ја чуле, ја знаеме, а пред да ја слушнеме, не ја знаевме и беше незнајна, така?

Помислата дека можеш да му пријдеш на сопствениот хоризонт за мене е прекрасна. Знаеме да погрешиме и да помислиме дека хоризонтот постојано се движи со нас додека одиме, нели? Мислам дека просто му приоѓаме на сопствениот хоризонт и велиме: „Види, всушност мислам дека хоризонтот не е линија, туку простор“. Простор во кој работите се, истовремено, и познати, знајни, но и апстрактни, незнајни. И таму, всушност, има безбројни нешта. Човек таму може да изгради куќа, да живее на хоризонтот, каде што се прилагодува на незнајното, но со себе понесува и многу знајни работи. Па кога ќе создадам некое уметничко дело или ќе направам изложба, често се обидувам да размислувам дали, ете, ова сега е крајот на сѐ што е знајно, да речеме, на галаксиите, на Млечниот пат, на неговиот хоризонт, и дали зад него има нешто друго? Да речеме дека изложбата е таму и лебди над таа бесконечна празнина.

Colour Spectrum, Олафур Елијасон

ЏM: Добро, имам уште едно прашање. Си замислуваш ли некогаш како твоето дело оживува?

OE: О да, апсолутно. Го велам ова зашто сметам дека, по правило, човек не треба да мисли дека во уметноста постојат невозможни работи. Според мене, уметноста повеќе претставува јазик, а јазикот може да биде што било, каде било и кога било. Може да биде сѐ. Ова го научив со текот на времето. Но, многу потешко е да се каже нешто интересно со јазикот. Мислам дека е потребен огромен талент да се остане во допир со тоа, така што би знаел дека она што некој направил е интересно. Џеф, веќе долго време работиш со цел, бездруго, за да се задржиш на врвот… не мислам на кариерата или така нешто, мислам на креативноста. За да се биде креативен е потребно огромна, во недостаток на подобар збор, поврзаност со светот. Мора да бидеш способен да го почувствуваш она што се случува, не само околу тебе, туку општо. А и на другите планети, кога сме веќе кај тоа.

ЏM: Афроамериканец сум, што значи дека како и многу други Афроамериканци, не знам точно од каде потекнувам. Затоа, мораме да создадеме и да конструираме некакво хипотетичко минато и потоа од него да создадеме причина да живееме. Така што, за нас е различно, затоа што не сме приврзани кон нешто или некој или некое место. Си имаме некаква претстава дека доаѓаме од одреден континент, но ниту сме сигурни, ниту пак ги имаме тие врски. И така, во одреден момент од нашиот живот, едноставно мораме да ги измислиме, па како резултат на тоа, немаме многу граници. Ништо не нѐ запрепастува. Ги имаш очилата на Sun Ra и другите луѓе коишто буквално си го создаваа личното минато, па никој не може да ти каже дека тоа не е вистина.

Не мислам дека Афроамериканците се главни кандидати за создавање надреализам, но нашите типични околности се понаклонети кон идејата дека треба да живееме и да имаме некаква основа за живот, па затоа си создаваме свој свет и своја цел. Музиката е инструмент. Отсекогаш претставувала нешто што можеме да го користиме за манипулирање или за создавање; да го користиме како помагало. Но најмногу од сѐ, таа претставува свет во кој живееме. И тоа свет во кој нема правила, закони; никој не ви кажува што треба, а што не треба да се прави. Се разбира дека постојат и критичари, но вистината е дека можеш и планина да поместиш, доколку го најдеш вистинскиот код. Нам ова ни е сосем јасно и го сметаме за нешто како религија. И, на некој начин, ова се пренесува во афроамериканската култура на посебен начин, кој ни овозможува музиката поинаку да ја слушаме и толкуваме. Не знам од каде доаѓа: не е нешто што сме го учеле на училиште, не е нешто што можеме да го прочитаме или разбереме. Станува збор за ритам, за нешто многу природно. Никогаш немам разговарано со стари црнци за ова, но тоа е нешто крајно инстинктивно, па ако си го работел толку долго како мене и ако се занимаваш со исто толку различни работи, тогаш станува една од оние работи на кои навистина можеш да се потпреш.

OE: Мислам дека како што светот станува посложен, така се менува и претставата за идентитетот. Традиционално, идентитетот отсекогаш бил строго дефиниран од минатото. Мислам дека е сѐ посилна тенденцијата да се каже: „Мене идентитетот ми е збир од моменти на кои припаѓам.“ И токму таквата припадност ги надминува националните граници. Можно е да имам повеќе заеднички работи со некој тип во Јапонија, отколку со личноста што живее до мене. Но, иако имаме културни контексти и идентитетски навики коишто се менуваат со голема брзина, тоа не може да ни ја замени потребата да се има чувство за минато и припадност во траекторијата на времето. Апсолутно сметам дека е важно да се сфати дека на идентитетот треба да се гледа како на нешто што продолжува во иднината, по траекторијата која се наоѓа пред нас. Но, се разбира, тоа не значи дека човек не треба да се осврне на дупките и траумите од минатото. Сепак, мислам дека нашиот идентитет лежи во начинот на кој се поистоветуваме со звуците во моментот кога ги создаваме.

Написот за првпат се појави во есенското издание на Electronic Beats Magazine, 2015 година. Тука можете да најдете повеќе содржини од магазинот.